ОТЧЕТ 100 ДЕНА: Реализирани важни проекти, долгот намален, решавање на клучните проблеми на граѓаните

Томе Христоски

Во првите 100 дена од стапувањето на функција на Градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски локалната самоуправа реализира низа проекти важни за општината и во првите 2 месеци го намали долгот за речиси 2 милиони денари

Од стапувањето на функција на 24 октомври 2017 година до 31 декември 2017 година Градоначалникот Томе Христоски го намали долгот за речиси 2 милиони денари, а во меѓувреме ги исплати долговите кон советниците и членовите на избирачките одбори од  3 изборни циклуси и се откажа од надоместоците при службените патувања.

Во првите сто дена се набави ново противпожарно возило и со тоа се опреми и осовремени противпожарната единица во Крушево.

Се обезбедија пари за целосна реконструкција на патните правци Крушево-Кривогаштани и Крушево-Демир Хисар.

Во соработка со фабриката за производство на масло од канабис „5 Летерс“ се оспособи резервоар за вода во близина на Трстеник кој реши уште еден голем проблем за постоечките фабрики и идните инвеститори во индустриската зона „Сува Река – Опаленик“. Овој резервоар ќе ги снабдува со вода сите погони во и околу индустриската зона.

Градската кафеана повеќе нема да биде само руина, таа е продадена на сопственикот на „Фалко“ кој ќе ги прошири капацитетите и ќе отвори нови работни места.

Преку Агенцијата за туризам локалната самоуправа обезбеди вештачка трева која ќе биде поставена на полетиштето за одржување на 10-тината параглајдинг натпревари ова лето.

По иницијатива на Градоначалникот и локалната самоуправа Општината обезбеди скоро милион и пол денари за годишната културна програма на градот и околу 800 илјади денари за спомен куќата на нашиот Тоше и историскиот музеј.

Го подобривме уличното осветлување и значително ги намаливме трошоците за истото, каналите во населените села се чистат и овој процес ќе продолжи кон село Бучин и останатите села од овој предел на општината.

По примерот на владата и општина Крушево е целосно транспарентна и отворена кон граѓаните. Назначивме лице за комуникација со млади, потпишавме меморандум за соработка со Finance Think за подобрување на транспарентноста и комуникацијата со граѓаните.

Градоначалникот Христоски и неговиот тим продолжуваат да работат во интерес на граѓаните. Подобрување на туристичката понуда, придвижување на локалниот економски развој и отворање на нови работни места се приоритетите на новата локалната самоуправа и Градоначалникот Христоски.