Христоски: Еве како се трошеле парите на граѓаните во времето на Ѓорѓи Дамчески

Во денешната изјава за медиуми градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски ја обелодени финансиската состојба на општинската каса, долговите и обврските што општината ги има и непродуктивните трошоци и злоупотреби.

Еве како се трошеле парите во времето на претходникот на Христоски Ѓорѓи Дамчески.

Во продолжение интегрално текстот од изјавата:

Почитувани,

По преземањето на функцијата од поранешниот градоначалник веднаш направивме увид во финансиската состојба на општина Крушево.

Сеопштата ситуација покажува дека општинската каса, но и другите јавни претпријатија, се во многу тешка финансиска криза, со големи долгови и непродуктивни трошоци.

Целокупниот долг на општина Крушево изнесува речиси 13 милиони денари, или над 210 илјади евра.

Општината има три кредити за доплаќање.

Само за репрезентација Општина Крушево во 2017 година потрошила речиси 200 илјади денари во 3 локални угостителски објекти. Само за за локум – 400 евра.

Дел од вработените во локалната самоуправа ги злоупотребувале службените телефони и направиле сметки во износ од дури 30 000 денари.

Се трошеле неразумни суми и во крушевските продавници.

Во 2 крушевски продавници за првите 10 месеци од годинава се потрошени над 230 илјади денари, односно близу 4 илјади евра. За истиот период се потрошиле 4 и пол илјади евра за патни трошоци, а преостануваат за плаќање уште 1 000 евра, направени, исто така, од претходната локална самоуправа.

За улично осветлување на претходниот изведувач Општина Крушево се обврзала да плати милион и пол денари.

Се делеле обврски и пари исклучиво на поединци блиски до поранешната власт.

Во Општината се вработиле 2 лица кои не доаѓале на работа, а земале плата.

Понатаму, спортската сала е во тешка состојба. Вложени се многу пари, а салата не е соодветна за одржување натпревари.

Донација во зимска опрема од 2 милиони евра  е оштетена и во лоша состојба заради негрижата на нашите претходници.

Општина Крушево ја најдовме во хаотична состојба, со незадоволни и непродуктивни вработени, негрижа за општинските возила и општинската зграда.

Најавивме и веќе го започнавме новиот тип на работа.

Општината ја консолидиравме и ја отворивме за сите граѓани. Секој од вработените вредно ја заработува својата плата се со цел подобро функционирање на локалната самоуправа, а општината ја направивме услужна во секој момент за граѓаните на општина Крушево.