Целосна реконструкција на патните правци Крушево – Кривогаштани, Демир Хисар и Кичево

   krusevo

На иницијатива на Општина Крушево и градоначалникот Томе Христоски Министерството за транспорт и врски обезбеди 6 милиони евра за реконструкција на патните правци Крушево – Кривогаштани, Крушево – Демир Хисар и Крушево – Кичево.

Ќе се изврши целосна реконструкција на набројаните патишта, а тоа значи нов асфалт за граѓаните на општина Крушево и оние кои гравитираат во овој реон.

За градоначалникот Христоски ова ќе претставува одличен зафат кој ќе има придонес во неколку области.

„Целосната реконструкција на овие видно оштетени патни правци ќе придонесе за подобра слика за туристите кои доаѓаат во Крушево, на граѓаните ќе им се олесни движењето по овие патишта, град Крушево ќе стане попристапен“, изјавува градоначалникот на општина Крушево.

Она на што дополнително ќе се работи е реконструкција на патниот правец кој ги поврзува селата Норово и Алданци со крак до другите села од овој реон.