Светската трка за мир на гости во Крушево

Глобалниот настан „ТРКА ЗА МИР“, која опфаќа светски размери, а секоја втора година ја обиколува Европа поминувајќи 24.000 километри, оваа година во својата рута ја вклучи и општина Крушево.

Факелот за мир кој што поминува во повеќе од 150 земји ширум светот, свечено  го причека и градоначалникот Ѓорги Дамчески  кој оствари средба со организаторите и учесниците,  како и локални спортисти, членови на ФК „Питу Гули“ и ученици од ООУ „Никола Карев“.

„Во ова време, зло-време како што некои сакаат да кажат, кога цели континенти се зафатени со ужасот на војната, кога цели континенти се зафатени со ужасот на војната, кога цели народи се принудени да ги напуштаат своите огништа и да мигрираат, повеќе од потребно е да се залагаме, да работиме на зачувување на мирот, највредното и најскапоценото нешто што постои. Симболично со учество во оваа трка на мирот сите ние граѓаните на Општина Крушево, а посебно вие најмладите и спортистите со песни за љубов и мир, со симболично предавање на факелот на мирот од рака во рака ја упатуваме нашата порака до светот: Нека сите деца во светот растат мирно и спокојно. Стоп за војната и насилството. Сакаме мир. бараме мир. Нека биде мир за сите народи во сметот. Нека биде мир за сите деца во светот.“, посочи градоначалникот Дамчески во својата изјава.

Координаторот на европскиот тим,  Дипауајан Ренер  пак истакна дека Крушево докажа дека се грижи и сака да придонесе за мирот.

Трката нема натпреварувачки карактер, туку е промоција на меѓународниот мир, единство и меѓусебно разбирање.