Крушево ја покажува хуманоста на дело

Екипа од десет луѓе составена од претставници на Општина Крушево, ЈП „Комуна Крушево“ и доброволци, предводена од Градоначалникот на Општина Крушево, Ѓорги Дамчески активно се вклучи во акцијата за расчистување на поплавените подрачја во скопско. Исто така ангажирано беше и возило, камион кипер, со цел што поголема ефикасност во расчистувањето на нанесениот материјал.

Акцијата за помош на поплавените подрачја продолжи и денес кога десетина доброволци повторно се упатија да помогнат на оние на кои помошта во човечки ресурси и механизација им е и повеќе од потребна.

Градоначалникот на Општина Крушево истакна дека во координација со Центарот за кризи – Скопје доколку е потребно и во наредните денови Крушево ќе помага со човечки ресурси и механизација и ги повика сите оние кои сакаат да помогнат да се пријават во локалната самоуправа, како би им се организирал превоз.

Во меѓувреме граѓаните на Општина Крушево може да донираат хуманитарна помош во вода, храна, средства за хигиена во просториите на ОО на Црвениот крст во Крушево или парични средства преку телефонскиот број за донации 143 400.