Гости од Бугарија и Шпанија во Крушево, проект за прерано напуштање на образование

Претставници на здруженија од Северна Македонија, Бугарија и Шпанија денес се во Крушево во посета на спомен куќата „Тодор Проески“ и СОУ „Наум Наумовски Борче“ во рамки на проектот „Мобилност: Патот напред“.

Проектот има за цел да ја намали стапката на прерано напуштање на образованието, а овој проблем го адресира преку меѓусекторско вмрежување за соработка за адресирање на проблемот.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски се сретна со претставниците на иницијативата и изрази задоволство и отворена соработка за имплементацијата.

„Ова е еден многу важен проект кој адресира горлив проблем. Образованието е важен дел од иднината на една општина, држава и општество. Драго ми е што Крушево и крушевското средно училиште се запознаваат со овој проект, а самите претставници ќе се запознаат со состојбата со образованието во Крушево.“, изјави градоначалникот Христоски.

Гостите разговараа со директорката на СОУ „Наум Наумовски Борче“ Снежана Миленковска која ги информира за бројот на ученици, тековните проекти на учениците и за целосниот секојдневен процес на одржување на настава.

Проектот е финансиран од ЕУ, а имплементиран од Здружение Европско Граѓанско, Акција – Битола, Центар за образовна интеграција на деца и студенти од етнички малцинства, Софија, Бугарија и Ц.Е.И.П Сан Карлос, Мадрид, Шпанија