Парите за зафаќање на извори се на сметката на општина Крушево, ВМРО ДПМНЕ да не манипулира

Почитувани,

Непроверените информации и свесната манипулација носат лошо на граѓаните и создаваат клевети за кои се одговара.

ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево беспредметно обвинува за кражба свесно манипулирајќи со две објави на општина Крушево. Но, заради граѓаните вредно е да појаснеме.

Општина Крушево обезбеди 9 милиони денари за зафаќање на изворите од с. Сланско. Овие средства се се’ уште на сметката на локалната самоуправа затоа што не се искористени заради нерешени проблеми на меѓуопштинско ниво меѓу Крушево и Македонски Брод. Во суштина, општина Крушево има добиено согласност за зафаќање на изворите од страна на Министерство за животна средина, но заради недавање согласност од страна на општина Македонски Брод овие средства не можат да се искористат и еднаш засекогаш да се реши проблемот со водоснабдување на општина Крушево и трошоците за истата намена да се сведат на минимум.

Доказ дека средствата се се’ уште на општинската сметка погледнете од фотографијата подолу.

Втората објава на која се повикува ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево се однесува на сосема друг аспект од процесот на водоснабдување. Имено, пумпната станица минатата година беше оштетена и заменета со нова преку донација на компанијата Окта. Пумпниот агрегат беше поставен во станицата во с. Норово од каде што се пумпа вода за водоснабдување на град Крушево.

Оттука, добиените средства за зафаќање на извори и проблемот кој произлезе со пумпата и обезбедувањето донација и замена немаат никаква поврзаност. Никој не „лапнал“ пари, туку транспарентно се говори за процесите. Токму заради проблемот со водоснабдувањето и можноста за зафаќање на изворите беше направен и видео прилог со кој граѓаните беа уште подетално информирани за проблемот и неискористувањето на добивените средства. Подолу можете да го погледнете прилогот.

Апелираме партиите да не навлагаат во манипулации и со тоа да ја замајуваат јавноста. Заеднички интерес на сите е граѓаните да бидат информирани и да знаат како се трошат јавните пари.

Во изминатите години општина Крушево инвестираше сериозно во водоснабдувањето. Се инвестираа околу 13 милиони денари за зафаќање на извори во индустриската зона „Опаленик“, а се обезбедија средства за реконструкција на дел од водоводната мрежа. Општината и градоначалникот Томе Христоски ќе продолжат да водат разговори за целосно да се имплементира проектот за зафаќање на води од с. Сланско.

Please follow and like us:
Share

Следете не и бидете први што ќе дознаете за секоја новина во нашата општина!