Улична трка на 4 септември, угостителите со свој придонес во организацијата

На 4-ти септември во Крушево ќе се одржи улична трка во трчање на 5 километри во знак на одбележување на Денот на независноста и Денот на ослободување на Крушево 8-ми септември.

Трката е во организација на Центар за хумани односи во рамки на проектот „Младински активизам за еко туризам“ со финансиска поддршка на Агенција за млади и спорт и во партнерство со општина Крушево.

Засега се пријавени околу 30 учесници, а останатите заинтересирани можат да се пријават на www.smartrace.club.

За подобра и поуспешна организација денес се одржа средба меѓу организаторите и претставници од угостителскиот сектор. На средбата угостителите се согласија за поддршка на настанот, односно угостителите ќе овозможат бесплатен престој, храна, пијалоци и слично на најдобрите натпреварувачи во машка и женска конкуренција.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски се обрати на средбата со угостителите и порача дека добро е да се поддржи настано заради кој се одржува средба, но и дека сака да ги слушне проблемите на присутнтие затоа што овој сектор е најмногу погоден од коронавирусот.

„Угостителскиот сектор е најмногу погоден и денес сакам да слушнам за ваши проблеми, но и сугестии. Овој настан на 4-ти септември очекуваме да поттикне поголема посетеност, а сертификатот за Ковид 19 безбедна дестинација доделен од Европскиот совет за туризам и трговија во наредните години ќе ја зголеми посетеноста за 50 проценти, според очекувањата.“, изјави градоначалникот Христоски.

Градоначалникот Христоски порача дека настанот кој ќе се одржи на 4-ти септември ќе донесе нови посетители на градот.