Прва седница на советот во живо

На 9-ти август 2021 се одржа првата седница на советот на општина Крушево која се пренесуваше во живо на социјалната мрежа „Фејсбук“ и во новата просторија во горната училишна зграда.

Претседателот на совет Тома Петроски изрази задоволство што мандатот на овој состав на советот завршува на едно повисоко ниво на транспарентност.

„Драго ми е што ја продолжуваме нашата работа на едно повисоко ниво на транспарентност со пренесување на седниците во живо. Обезбедуваме поголема видливост на нашата работа и поголема доверба во ова тело на локалната власт. Им благодарам на сите советници кои се дел од овој проект преку нивно активно учество на модулите и работилниците во рамки на Проектот „Зајакнување на општинските совети. Без придонесот на сите нас овој проект немаше да се имплементира“, изјави претседателот Петроски.

Имплементацијата на оваа иновативна алатка со опремување и инсталирање на опрема за пренесување на седниците на советот во живо е дел од Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.