Поставени седишта во мултифункционалната сала, Крушево добива театар и кино сала

Поставени се седиштата во мултифункционалната сала во горната училишна зграда во Крушево.

По инсталирањето на аудио и видео опрема овој простор е опремен и со седишта со што проектот за оспособување и опремување на театар и кино сала добива една целина. Дополнително треба да се постават завеси.

„Во текот на вчерашниот ден беа поставени седиштата и морам да признаам салата изгледа се поубаво. Конечно го заокружуваме овој проект кој треба да го подобри културно забавниот живот на младите, можностите за неформално образование, но и повеќе содржини за туристите. Во овој проект сме заедно со УНДП и сум навистина благодарен за тоа.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Проектот се спроведува во рамки на Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.