Претставници од Совет на Европа во посета на општина Крушево

Со цел успешна реализација на проектот „Денови на Влашка култура“, општина Крушево ја посетија претставници од Совет на Европа кои се запознаа  со планот на активности и нивното успешно спроведување од страна на менаџмент тимот од општинакрушево одговорен за спроведување на проектот.

Имено, ова всушност е проект со којшто Општина Крушево аплицираше до Советот на Европа во рамките на програмите за подобрување на меѓуетничките односи, соживотот, толеранцијата и промоцијата на разновидни култури. Со вкупен буџет од  18.000 евра во Крушево ќе биде отворена нова музејска поставка насловена како „Влашка соба“, која ќе се наоѓа во објектот на градскиот пазар во центарот на градот. Оваа музејска поставка, која е во подготовка, ќе ја презентира влашката култура и традиција во градот. Во т.н. „Влашка соба“ ќе биде сместен цел инвентар, покуќнина, што се користела во минатото од страна на влашката заедница, а во тек е изработка на  40 староградски и народни влашки носии кои пак ќе бидат  едно дополнување на проектот „Крушево – Етно град“. Планирано е и издавање на  брошура во која што ќе има застапено влашки народни песни, обичаи, приказни, поговорки, гатанки, брзозборки и на тој начин засекогаш ќе остане запишана на хартија дел од влашката култура и традиција, со што ќе се спречи нејзиното натамошно изумирање.

Во рамките на проектот, на Денот на Власите – 23 Мај,  Музејската поставка ќе биде свечено пуштен во употреба, а на крајот на јули,  ќе се организираат „Денови на влашката култура“, кога млади крушевчани ќе продефилираат во Крушево облечени во народни влашки носии. Се предвидува и културно-уметничка програма, со настапи и концерти на повеќе музички влашки групи. Оваа манифестација ќе биде всушност, увертира на традиционалниот туристички бренд „Крушево – Етно град“, што ќе започне пред илинденските празнувања.