Консултации со граѓаните за буџетот за 2021 година

Општина Крушево ги започна консултациите со граѓаните за буџетот за 2021 година. По постојаните сугестии давани од страна на граѓаните преку директни средби со градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во наредните неколку денови граѓаните се повикуваат да одговорат на „онлајн“ прашалник.

„Годинава заради состојбата со коронавирусот не сме во можност да организираме собир со физичко присуство како минатата година. Затоа, покрај моите директни средби со граѓаните од изминатите неколку месеци кога тие доаѓаа во мојот кабинет, по консултациите со одделенијата во општините сега објавуваме „онлајн“ прашалник за да ги одредиме приоритетите за наредната година“, изјави градоначалникот Христоски.

Советот на општина Крушево е директно вклучен во овој процес и претседателот Тома Петроски повика граѓаните активно да се вклучаат во овие „онлајн“ консултации.

„Физичките собири со граѓаните се најефикасниот елемент за обезбедување на транспарентност и учество на граѓаните. Но, годинава сме принудени тоа да го направиме „онлајн“, но верувам дека ќе обезбедиме високо ниво на вклученост на граѓаните во буџетот за наредната година. Преку овој прашалник сакаме да го слушнеме мислењето на граѓаните и тоа да биде земено во предвид на седницата кога советниците ќе расправаат за предлог-буџетот.“, изјави претседателот на Советот на општина Крушево Тома Петроски.

Прашалникот можете да го пополните на следниот линк