Компјутери и компјутерска опрема донација од ТТК Банка

ТТК Банка донираше компјутери и компјутерска опрема за ученици од социјално ранливи семејства од општина Крушево во рамки на кампањата „Донирај го својот компјутер’’.

На овој начин Банката и општина Крушево ја продлабочуваат соработката со активности за добротворни цели и унапредување на живеењето во заедницата.

Градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски се заблагодарува на ТТК Банка за донацијата и покажаната хуманост и истакна дека благодарение на донираната компјутерска опрема учениците ќе бидат во можност да го подобрат следењето на образовниот процес.

„Донацијата на ТТК Банка ќе овозможи следење на „онлајн“ настава на ученици од семејства кои не можат да си дозволат компјутер или таблет и генерално на овој начин ги помагаме семејствата да имаат соодветна алатка во време на дигитализација. Голема благодарност до општество одговорната Банка и ми е особено драго што ја продлабочуваме соработката.“, изјави градоначалникот Христоски.

Банката продолжува со општествено одговорните практики и дава свој допринос во настојувањата да се надвладеат ограничувањата на кои сме изложени и истовремено дава поддршка на  акцијата за овозможување на пристап до компјутери на што е можно поголем број на деца и млади од најпогодените семејства.

„Задоволство ни е што денес ја реализираме донацијата на компјутерска опрема. Знаеме дека информатичкото образование е многу важно за натамошно унапредување и информираност не само во училиште туку и во други области од животот, а и во слободното време. Применувајќи општествено одговорни практики ТТК Банка континуирано ги поддржува проектите насочени кон најосетливите сегменти. Искрено се надевам дека оваа донација која е скромна, но од срце  ќе ги реши проблемите и ќе ги израдува учениците на кои ќе им бидат доделени, ќе им овозможат ефикасно следење на електронската настава, развој на нивните компјутерски вештини и ќе ги поттикне да остваруваат уште подобри резултати. –изјави Претседателот на Управниот Одбор др. Драгољуб Арсовски.