Нови 21 контејнери за општина Крушево

Во рамки на Програмата за поддршка во руралниот развој за 2019 години на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој општина Крушево набави 21 контејнер.

На јавниот повик на Агенцијата општината аплицираше заедно со организацијата Лаг Агро лидер, а набавката на контејнери е уште една активност во насока на подобрување на јавната хигиена во општина Крушево.

„Досега набавивме околу 30 контејнери, еве денес пристигнаа уште 21, а очекуваме набавка на уште 49 . Со тоа ќе опфатиме поголем дел од градот и населените места, а селата за прв пат ќе добијат контејнери и навремена и професионална услуга на собирање на отпад. Продолжуваме да работиме за подобрување на јавната хигиена и досега набавивме камион за отпад, нов трактор, камион за метење и чистење – метларка и организиравме многу акции за подигнување на јавната свест.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Целосната сума за набавка на контејнерите изнесува 334 740 денари и истите се средства на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.