30 таблети за ученици во социјален ризик, донација од Еколог

Општина Крушево доби донација од 30 таблети од компанија Еколог, опрема која треба да послужи на ученици кои немаат соодветна опрема за да следат „онлајн“ настава додека трае кризата со коронавирусот.

Таблетите ќе бидат доделени на деца од социјално ранливи категории врз основа на информации од Центарот за социјални работи во Крушево, односно на оние кои имаат најголема потреба.

„Ова е уште една голема донација за општина Крушево со која директно ќе ги помагаме младите и социјално загрозените наши сограѓани. Продолжуваме со преземање на мерки кои ќе го олеснат животот на граѓаните во време на корона кризата. Се заблагодарувам на компанија Еколог, но и на сите кои учествуваа во оваа акција.“, изјави градоначалникот на општина Крушево.

За време на  пандемијата  со која се соочуваме, Еколог Интернешнл доаѓа со донација која има за цел да го ублажи предизвикот на многу ученици, кои заради пандемијата мораат онлајн да ја следат наставата, но не се во можност да го сторат тоа поради недостаток на  соодветна дигитална опрема.

„Проектот има за цел да им излезе во пресрет на најитните случаји на државно ниво , кои имаат  потреба  за дигитални уреди за учениците да ја следат   онлајн наставата“, велат од компанијата Еколог Интернешнл.