Во Крушево нема заразени од Ковид 19, 20 граѓани во домашна изолација

До 24.03.2020г. на територија на општина Крушево нема заразени од Ковид 19, а има дваесет (20) граѓани во домашна изолација.

„До овој момент на територија на општина Крушево нема потврдени случаи на Ковид-19, а имаме 20 граѓани во изолација. Таа бројка, како што знаете, е променлива, но важно е да останеме свесни за ситуацијата во која се наоѓаме, да ги почитуваме препораките кои секојдневно се засилуваат и заеднички да ја пребродиме оваа криза“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Досега општина Крушево презеде низа мерки за спречување на ширење на корона вирусот:

  1. Општина Крушево свика Штаб за заштита и спасување на кој донесе 14 заклучоци кои содржат препораки и задолженија,
  2. Општината го скрати работното време, но воспостави телефонски броеви кои 24 часа се достапни на граѓаните за итни потреби,
  3. Во соработка со ОО Црвен Крст Крушево се формираат тимови од волонтери за достава на храна, вода, средства за хигиена и др. на стари и изнемоштени лица
  4. Градскиот пазар е затворен,
  5. Се дезинфицираше во општината, училиштата, градинката и неколку други институции,
  6. Локалната самоуправа ги снабдува институциите под нејзина надлежност со маски, ракавици и средства за дезинфекција,
  7. Неколкукратно се чистеа и дезинфицираа улиците во градот,
  8. Учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ воспоставија „онлајн“ платформа за учење, а ООУ „Никола Карев““ користи и други алтернативни методи на настава.