Започнува изградбата на резервоар за вода во Белушино

Во присуство на претседателот на Советот на општина Крушево Тома Петроски претставници од Министерство за транспорт и врски извршија вовед во работа на изведувачот за изградба на резервоар за вода во с. Белушино. Работата на терен се очекува да продолжи за околу 10 дена, во зависност од временските услови.

Жителите на Белушино изразија задоволство што ваков проект ќе се реализира после децении празни ветувања, а претседателот на Советот порача дека важно е што потребите на граѓаните се отсликуваат преку проектите на општина Крушево.

„Овој проект го реализираме заедно со Министерството за транспорт и врски и истиот треба да обезбеди вода за жителите на Белушино во континуитет, односно во сите годишни времиња. Населеното место досега немаше никаков резервоар и драго ми е што заедно со сите околни села се решаваат клучните проблеми на граѓаните“, изјави Тома Петроски.

Покрај претседателот во Белушино беше и советникот Садат Имероски кој потекнува од овој предел на општината и е во постојана комуникација со тамошните граѓани.

Изградбата на резервоарот за вода ќе чини 2 601 900 денари, а имплементацијата е во рамки на програмата за работа на Министерството за транспорт и врски.