На највисоко ниво одбележан Денот на мајчините јазици

Во Крушево денес (21.02.2020) се одржа манифестација за одбележување на Меѓународниот ден на мајчините јазици на кој покрај претседателот на совет на општина Крушево Тома Петроски присуствуваа и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозоски, заменик министерот за политички систем Неџад Мехмедовиќ и директорката на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците Славица Тодорова.

На настанот свое обраќање имаа погоре наведените претставници од институции кои испратија пораки за заедничко негување на различностите, а претседателот на советот истакна дека Крушево било и ќе остане пример за заеднички живот на повеќе заедници.

„Во годините наназад Крушево претставува пример за соживот, меѓусебно разбирање, толеранција и почитување. Како тријазична општина опстојува со векови и јазичните различности кои ги имаме и ги негуваме се всушност мостот меѓу различни етникуми кои тука живеат. Нашето Крушево, а и нашата држава се изградени на мултиетничка основа, на основа на народи и луѓе кои зборуваат различни јазици, но секој од нас е домаќин на нашето инклузивно општество.“, рече претседателот Тома Петроски.

На приредбата подготвена од неколку училишта беа претставени музички и литературни точки на македонски, албански, босански, српски, ромски и други јазици. Настанот заврши со коктел подготвен од страна на учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“.