Советниците продолжуваат со обуките – Зајакнување на општинските совети

Девет советници од советот на општина Крушево и овие петок и сабота, 21-ви и 22-ри февруари, ќе присуствуваат на обука во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Овој т.н. модул се однесува на процесот на буџетирање и ќе го опфати текот на донесување, усвојување и имплементирање и мониторинг на буџетот.

Досега советниците на општина Крушево завршија еден модул кој се однесуваше на улогата на општинските совети во доброто управување.

Обуките се дел од проектот, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.