Потпишан договор за откуп на 6 парцели на ски терените Крушево

Денес, 14.02.2020г., во Крушево беше потпишан договор за откуп на шест (6) парцели на ски терените на месноста Станич од страна на Специјал Градба. Поединечно парцелите се со големина од над 300 метри квадратни и на истите ќе се градат објекти од услужна туристичка дејност.

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски потпишувањето на договорот е уште еден индикатор за поголем развој на туризмот во Крушево и генерално подигнување на локалниот економски развој.

„Го потпишавме договорот за парцелите на Станич со Специјал Градба и со тоа продолжуваме со инвестирање и развој во туризмот. Овој договор ќе донесе нови туристички објекти на ски терените што пак ќе генерира подобри услуги, побогата туристичка понуда, вработувања и поттикнување на локалниот економски развој. Крушево се развива и со инвестициите од страна на општина Крушево од аспект на општата инфраструктура, но и од аспект на развој на приватниот сектор. “, изјави градоначалникот Христоски.

Покрај продажбата на овие 6 парцели јавната објава на општина Крушево вклучуваше уште една парцела, а во индустриската зона се продаде парцела од 23 000 квадратни метри на која компанијата СЕКЕ ќе ги проширува капацитетите.