Турнир во мал фудбал во чест на Тоше, Христоски на средба со градоначалникот на Нова Градишка

Од 24-ти до 26-ти јануари во Скопје, во салата „Форца“, ќе се одржи турнирот во мал фудбал „Тоше Проески – 2020“ на кој ќе учествува и екипа од општина Крушево, а градоначалникот ќе оствари средба, меѓу другите, со градоначалникот на Нова Градишка Винко Грѓиќ.

Соработката меѓу Општина Крушево и Град Нова Градишка започна на 8-ми ноември 2018 година со потпишување на Договор за соработка, а Тоше Проески е она што ги спојува овие две општини. Соработката од 2018 година се интензивира, а турнирот во мал фудбал е уште еден настан во кој општина Крушево учествува, а е поврзан со Тоше.

„Воспоставивме добра комуникација и соработка со Нова Градишка и мојот колега-градоначалник Винко Грѓиќ затоа што Тоше Проески беше балканска поп икона и човек кој правеше добри дела насекаде. Заедно работиме на настани и проекти поврзани со нашиот Тоше, а во иднина ќе ја продлабочуваме соработката.“, вели градоначалникот Христоски.

Во Билтенот бр. 2 издаден од здружението Мандра стои и обраќање на градоначалникот Христоски во кој зборува за значењето на она што Тоше го направи во својот живот, а исто така во публикацијата пишува и за воспоставената соработка меѓу Крушево, Карпош и Нова Градишка благодарение на Тоше Проески.

Турнирот во мал фудбал е во организација на „Мандра“ со поддршка на општините Карпош, Крушево и Нова Градишка.