Реализирани проекти во 2019 година

Почитувани,

2019 година беше исклучително успешна година. Проектите кои ги започнавме во 2018-та година ги завршивме и нивниот број се зголеми двојно во 2019 година. А, проектите се најважни и затоа пред неколку дена најавив дека во 2020 година општина Крушево ќе стане едно уште поголемо градилиште од сегашното, имплементирајќи проекти од сите гранки на општественото живеење.

Но, да почнеме од почеток и да видиме на што работевме минатата година, зошто истата е толку успешна и што е подобрено од минатото.

Во 2019 година не запревме со санација и реконструкција на локални улици. Токму напротив, ги интензивиравме овие активности и стигнавме до 4 километри реконструирани улици и во градот и во населените места.

Кон крајот на годината започнавме со реконструкција на патот Крушево – Слива – Пуста Река.

Во 2019 реализиравме најголем дел од активностите во рамки на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“. Ја привршивме реконструкцијата на спортската сала и целосно ја опремивме. Добиваме сала со меѓународни стандарди, повторно оспособена за тренинг, натпревар и како дополнителна содржина за посетителите. Потоа, ги набавивме минибусот и АТВ и го одржавме Пролетниот куп во параглајдинг, поставивме сувенирници, се промовиравме на два саеми и изработивме брошури и видео за туристичка промоција на Крушево. Кога се работи за туризмот на крајот на минатата година обезбедивме 4 милиони евра за изработка на објект на полетиштето за параглајдери.

Минатата година стигнавме и до завршната фаза на реконструкцијата на горната училишна зграда. Уште еден заборавен објект кој беше на работ на трајно уништување. Во првата половина од 2020 година го завршуваме и овој проект.

Во годината што измина започнавме и со изградба на вечното почивалиште на Тоше Проески за конечно нашиот сограѓанин, пејач, добродетел и амбасадор да добие достоинствено спомен обележје.

Започнавме со уредување на викенд зоната „Езеро“ преку уредување на просторот и асфалтирање на патот до Крушевско Езеро. Овој простор ќе биде конечно уреден, побезбеден и посоодветен за сите манифестации што се одржуваат тука, од турнири во мал фудбал, тренинг кампови за тенис, риболовни натпревари, планинарски и велосипедски тури, па се до фестивали на отворено.

Во 2019-тата продолживме со опремување на службите. Го добивме новиот камион за отпад, потоа нов ровокопач во соработка со општините Демир Хисар и Кривогаштани, тракторот со плуг за снег и соларка и ја отпочнавме постапката за набавка на камион за чистење и метење – метларка, контејнери и косилка.

Во годината што измина започнавме и со изработка на деталниот и генералниот урбанистички планови, паралелно започнавме и со работа на урбанистичките планови за селата.

Пред почетокот на Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ја реконструиравме и повторно ја ставивме во функцијата т.н. „летна“ сцена кај музејот на НОБ.

Уличното осветлување продолживме да го подобруваме и во 2019-та година.

Изминатата година  транспарентно и по јавен повик ги финансиравме спортските клубови и тие добиваат поддршка од општината како никогаш досега.

2019-та година беше успешна и за населените места. Со проекти беа опфатени сите населени места и реализиравме активности како никогаш досега. Преостануваат уште многу проблеми, но дел од нив веќе ги разрешивме, а на поголемиот дел работиме тековно.

Го изградиме резервоарот за вода во с. Борино. Во ова населено место го изградивме и патот до с. Житоше, општина Долнени, а кон крајот на 2019 година започнавме и со работа на нов водоводен крак.

Во Саждево реконструиравме неколку улици, го саниравме училиштето, а во тек се реконструкција на пат од 2,5 километри и изградба на цевковод.

Кон крајот на 2019 година започнавме и со изградба на фекална канализација прва фаза во с. Норово по реконструираните улица и училиште.

Во 2019 асфалтиравме пат до с. Јакреново и тековно работиме на проблемите со водоснабдување.

Во Пресил, Алданци, Борино, Саждево и Врбоец се тампонираа патеки до земјоделски површини во должина од 3 километри.

Потоа, во 2019 година во Бучин оспособивме нова градинка и го реконструиравме патот до с. Воѓани во должина од 10 километри.

Во 2019-та работевме и на изработка на проекти за канализација во осум населени места (Алданци, Пресил, Св. Митрани и други) и од 2018 исчистивме канали во вкупна должина од 8 километри.

Во 2019 година започнавме и со постапката за изградба на резервоар за вода во с. Белушино, уште еден проект напразно ветуван со години.

Реализиравме многу проекти, дел отпочнавме и голем број кои ќе следат во Новата 2020 година.

Со почит,
Томе Христоски.
Ваш градоначалник