Буџетот за 2020 го правиме заедно со граѓаните

Почитувани,

Општина Крушево е во процес на подготовка на буџетот за 2020 година, но само ние, односно соодветните служби, не секогаш ги даваат најдобрите решенија затоа што ние не знаеме се’ и не можеме се’ сами да решаваме. За буџетот за наредната година да биде развоен, домаќински и да ги опфаќа сите граѓани, односно нивните потреби, започнавме со разговор со граѓани и анкети за овој буџет да го креираме заедно и истиот да ги отсликува реалните состојби.

Постојано сум меѓу сограѓаните, често пати ги посетувам населените места и секогаш сум достапен на телефон и на социјалните мрежи. Но, тоа не е доволно. Затоа службите на општината деновиве излегуваат на терен во население места и ги анкетираат граѓаните за приоритетите и активностите кои треба да се преземат догодина и предвидат во наредниот буџет. Досега посетени се населените места Алданци, Норово, Св. Митрани и Пресил, а во наредните два дена ќе се комплетира оваа анкета во населените места.

Во среда, преку дебата за буџетот ќе ги консултираме граѓаните на градот и ќе побараме од нив, слично како и во селата, да кажат што е приоритетно да биде дел од буџетот 2020. Со овој настан ќе ги опфатиме сите граѓани.

Тука сме да разговараме, да се слушаме затоа што ние раководиме со вашите пари и токму затоа мора секогаш да ве консултираме и нашите политики да ги креираме врз вашите барања, потреби и сугестии.

Ви благодарам на одзивот кој го давате во населените места и ќе ве повикам во што поголем број да присуствувате на дебатата во среда.

Со почит,
Ваш градоначалник
Томе Христоски.