Успешно спроведена акцијата за пошумување, испратени пораки за заштита на животната средина

Денес (21.11.2019) околу манастирот Св. Преображение се одржа акцијата за засадување дрвца за која беа обезбедени 4 000 садници.

Акцијата беше спроведена од страна на општина Крушево и компанијата СЕКЕ со поддршка на ПСШ „Липа“, СОУ „Наум Наумовски Борче“ и ООУ „Никола Карев“, а организаторите испратија пораки за зачувување на животната средина и одговорност кон околината во која се живее.

„Денес од манастирот Св. Преображение на просторот каде пред само неколку седмици владееше огнена стихија со засадување на дрва испраќаме пораки за заштита на животната средина и одговорност кон белите дробови на нашиот град. Благодарам на поддршката од општествено одговорната компанија СЕКЕ, потоа на „Липа“, средното и основното училиште. И во иднина ќе продолжиме да одржуваме вакви и слични активности“, изјави градоначалникто на општина Крушево Томе Христоски.

Иницијативата за акцијата за пошумување како минатата година така и оваа доаѓа од компанијата за производство и преработка на тутун СЕКЕ која има свој погон во индустриската зона во Крушево.

„Како општествено одговорна компанија продолжуваме да организираме и да учествуваме во акции кои го подобруваат животот на луѓето и ја подигаат свеста за заштита на животната средина. Оваа активност е дел од проектот кој го имплементираме, а се однесува токму на заштитата на животната средина и како ние самите да придонесеме за унапредување на состојбите. Благодарност до општината за овогодинешната поддршка и до сите што се вклучија“, изјави директорот на СЕКЕ Јане Станкоски.